За денеска во Монте Карло, од 18 часот, закажана е ждрепката за Лигата на шампиони (ЛШ) која од годинава ќе се игра според нов, лигашки формат, не по групи како во претходните сезони, и со повеќе екипи, 36.
Во новата ЛШ ќе има само една табела со 36-те тима. Бројот на натпревари во лигашката фаза е зголемен од 96 на 144, а во нокаут фазата од 29 на 45. Вкупно во ЛШ ќе има 64 меча повеќе од досега.
Во првата фаза сите тимови ќе одиграат по осум натпревари, четири дома и четири на гости, против различни противници, но не и од својата земја!
За да има секој учесник во ЛШ исти услови (еднаква тежина на противниците) УЕФА одлучи клубовите да имаат по два противника од четирите групи, со еден од нив дома, а со другиот на гости.
Осумте првопласирани одат директно во осминафиналето, екипитеод 9 до 24-то место ќе разигрувааат меѓусебе за место во осминафинале, а останатите осум ќе бидат елиминирани.
Познати се и клубовите носители на групите. Во првите две се 18 клуба со најголеми коефициенти, а во преостанатите две другите 18.
Првото коло во ЛШ ќе се игра од вторник до четврток, од 17 до 19 септември, а останатите седум, како и досега, во вторник и во среда. Последното коло е закажано за 29 јануари, што значи дека сите тимови ќе презимат во ЛШ.
Нокаут фазата почнува на 11 февруари, а финалето ќе се одиигра на 31 мај 2025 година на арената „Алијанц “ во Минхен.
Секако дека ќе има повеќе пари од порано. Секој од 36-те клуба што ќе игра во лигашката фаза може да очекува базични 18,62 милиони евра. Вкупно врз основа на резултатите клубовите ќе поделат повеќе од 900 милиони евра.
За секој натпревар во лигашката фаза се плаќаат бонуси: 2,1 милион евра за победа и 700.000 за реми. Нераспределените пари (700.000 евра од натпреварите кои ќе завршат нерешено) се префрлаат во фондот од кој ќе се наградува конечниот пласман.