Фудбалската репрезентација на Македонија забележа победа на најтешкото гостување во циклусот кај Казахстан во Астана (0-1) и по четири одиграни меча е на врвот на табелата во квалификациската група за Светското првенство (СП) кое се игра во 2026 година во САД, Канада и Мексико.
По средбата, анализа на одиграното направи Роберт Стојановски, асистент тренерот кој на клупата во Астана го менуваше суспендираниот Милевски.
„Одигравме две различни полувремиња. Ние како стручен штаб знаевме за состојбата на играчите по оној интензивен меч со Белгија. Вториот дел беше договорено да играме малку позатворено во втората зона, со цел да ја зачуваме енергијата до крај. Во ситуација кога немавме друга опција, моравме да го направиме тоа. Не секогаш кога играме добро, можеме да победиме. Така беше сега, се случуваат такви работи. Точно е дека во вториот дел Казастан одигра добро, но го задрживме мечот под контрола. Точно знаевме кои се квалитетите на ривалот и нив ги неутрализиравме. “, изјави Стојановски.
Македонија квалификациите за СП 2026 ги продолжува во септември, кога во Скопје гостува Лихтенштајн (7 септември), а потоа следи гостување кај Белгија во Брисел (10 септември).