Витали Јанелт, фудбалер на Брентфорд, наскоро би можел да го облече дресот на Босна и Херцеговина. Сопругата на Јанелт, Инес е од БиХ, поради што може да добие пасош на оваа земја.
„Последниве денови во Сараево престојуваше фудбалерот на Брентфорд Витали Јанелт. Овој 25-годишен играч од средниот ред претходно изрази желба да го облече дресот на БиХ. Во Сараево преговараше за следните чекори со босанската фудбалска федерација за да го промени своето спортско државјанство“, објави Емир Делиќ, новинар на Ал Џезира.
Јанелт и официјално е најдобриот играч на Брентфорд од минатата сезона, чија моментална пазарна вредност се проценува на 22 милиони евра.
Тој оваа сезона е редовен во тимот на Томас Франк, а за „пчелите“ одигра 26 натпревари.
Потекнува од Хамбург и беше член на Лајпциг и Бохум пред да дојде во Англија.
За Германија има 32 настапи на возраст од 15 до 21 година и не би чудело доколку добие повик во „А“ репрезентацијата Германија. Овој негов избор уште повеќе ја изненади јавноста во регионот.