Тотенхем е последниот полуфиналист на англискиот Лига куп. Откако во средата навечер во полуфиналето се пласираа Арсенал, Ливерпул и Њукасл, синоќа им се приклучи и Тотенхем по победата над Манчестер јунајтед со 4:3 во интересен и возбудлив натпревар.
Тимот од Лондон поведе во 15. минута преку Доминик Соланки, кој беше најбрз на одбиената топка. Со овој резултат се замина на пауза,а по само 45 секунди игра во второто полувреме предноста на Тотенхем ја удвои Дејан Кулушевски.
Се чинеше дека сите прашања за победникот беа отстранети во 54. минута, кога Соланки го постигна втор гол за 3:0.
Но тогаш играчите на Тотенхем како да решија да си го отежнат животот. Најпрво си поигруваа во сопствениот шеснаесетник, па Бруно Фернандеш го пресретна погрешното додавање на голманот Фрејзер Форстер, потоа го проигра Џошуа Циркзи, кој во 63. минута намали на 3:1.
Само седум минути подоцна играчите на Тотенхем од 30-на метри решија да јму а вратат топката до Форстер, кој одолговлекуваше со ударот што го искористи Амад Диало, кој со лизгачки старт успеа да постигне гол и да намали на 2:3.
Но, повеќе од тоа не можеа, а победата на Спарс во 88. минута ја потврди Хеунг-мин!Сон со гол директно од корнер. Конечниот резултат го постави Џони Еванс во 95. минута со глава, на асистенција на Диало.
Ова беше осми натпревар за Манчестер јунајтед под водство на новиот менаџер, Рубен Аморим во сите натпреварувања, со ефект од четири победи, едно реми и три порази.
Двојките за полуфиналeто во Лига купот се Тотенхем – Ливерпул и Арсенал – Њукасл. Првите натпревари ќе се играат во неделата што почнува на 6 јануари 2025-та, а реваншите во неделата што почнува на 3 февруари. Финалето ќе се игра на 16 март на Вембли во Лондон.