Претходното ЕП кое се играше во Германија, остави сериозни траги низ стадионите, а еден од стадионите на кои се одржуваа натпреварите беше и Алијанц Арена.
Вечерва стартува новата сезона во Лигата на шампионите, започнува новиот формат, кој на многумина не им е јасен и околу тоа како ќе функционира, односно дали ќе биде возбудлив.
Во првото коло, Баерн Минхен како домаќин го пречекува составот на Динамо Загреб, на кои им забранија и да тренираат на овој терен пред натпреварот.
Хрватските медиуми пишуваат дека Баварците „ставиле рампа“ за синоќешен тренинг на Алијанц Арена, затоа што тревникот бил во доста лоша ситуација и полн со дупки.
Таков бил наводно уште од Европското првенство, а не помогнало ни тоа што Баерн како клуб два пати ја менувал подлогата. Се разбира и повисоките температури влијаеа на тоа тревникот да биде во доста лоша кондиција.
На Динамо Загреб за тренинг им бил понуден алтернативен терен непосредно во близина на Алијанц Арена.