Трансферот на Бразилецот, Нејмар во Ал Хилал во летото 2023 година би можел да се сведе на следните зборови – најголемата измама на векот!
Нејмар (32) во Ал Хилал пристигна за 90 милиони евра, колку што клубот од Саудиска Арабија му плати на ПСЖ. Бразилецот потпиша договор до јуни 2025 година, но се повреди по само пет натпревари.
Тој се опоравува од повредата на коленото од октомври, веќе 11 месеци. И се’ уште не е целосно подготвен, бидејќи падна на тестот за физичка подготвеност во саботата!
Што се однесува до договорот меѓу Нејмар и Ал Хилал, може да се каже дека тоа е најчудниот правен договор меѓу две страни. Бразилецот за една и пол година одигра само пет натпревари, но со клубот освои четири трофеи. Не пропушти ниту една прослава, редовно се фоткаше со соиграчите и со пехарот!
Според сведочењето на луѓето од Ал Хилал, Нејмар во претходните месеци слабо тренирал, иако можел да прави одредени вежби додека се опоравувал од повредата на коленото.
Затоа и не е чудно што не го положил тестот за физичка подготвеност, а се шпекулира дека има сериозен проблем и со вишокот килограми.
Неодамна Ал Хилал се огласи на социјалните мрежи и официјално објави дека Нејмар нема да се врати на терените до јануари 2025 година!
Во летото 2025 година Нејмар ќе биде слободен, бидејќи ќе му истече договорот со Ал Хилал. Одигра само пет натпревари, а неговата милионска плата е редовна, секој месец „легнува“ на неговата сметка.
Кога сето ова ќе се преточи во бројки, податоците во најмала рака се шокантни! За две години колку што Нејмар има договор, Ал Хилал потроши многу пари, а од бројките се врти во главата!
Трансферот на Нејмар изнесуваше 90 милиони евра, а годишната плата му е 100 милиони евра. А има и бонуси. Секоја победа на Ал Хилал, без разлика дали Нејмар играл или не, му носи премија од 80.000 евра.
Плус, 500.000 евра за секоја објава на Инстаграм поврзана со Ал Хилал и саудискиот фудбал. Се разбира, има приватен авион кој го носи каде било, кога сака.