По неколку години собирање докази, почнува судењето на Манчестер сити за дури 115 финансиски прекршоци. „Би-би-си“ го нарекува спортско судење на векот и еден од најкритичните моменти во историјата на Премиер лигата.
Клубот со кој Пеп Гвардиола доминираше минатите 10 години обвинет е за кршење на правилата за финансиски фер-плеј, а првото рочиште пред судот ќе биде в понеделник.
Судењето треба да трае 10 недели, а пресудата треба да биде изречена на почетокот од 2025 година. Каква и да биде одлуката, таа ќе има огромни последици или за Манчестер сити или за Премиер лигата, пишува „Би-би-си“.
Манчестер сити е во сопственост на милијардерско семејство од Абу Даби и е центар на спортска корпорација која вклучува 13 екипи од пет континенти.
Најпозната филијала на Сити е шпанската Џирона, која во добар дел од минатата сезона беше сериозен кандидат за шампионската титула во Ла лига, покрај Реал Мадрид, Барселона и Атлетико.
Од англискиот клуб ги негираат обвинувањата дека би можеле да бидат учесници во еден од најголемите скандали во историјата на спортот. Можни се различни казни, од огромни финансиски казни до одземање трофеи и исфрлање од Премиер лигата.
Доколку Англичаните го казнат Манчестер сити, тоа може да доведе дури и до заострување на дипломатските односи меѓу Велика Британија и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ)!
Претседателот на Емиратите е брат на мнозинскиот сопственик на Сити, шеикот Мансур. Неизбежно е клубот да потроши десетици милиони евра на адвокати.
Се’ почна со аферата „Фудбал ликс“, во која протекоа огромен број доверливи информации и договори за трансфери. Во 2018 година германскиот весник „Шпигел“ објави приказна дека Сити манипулирал со правилата на УЕФА за да потпише договори со играчи, а во тоа им помогнале документи од аферата „Фудбал ликс“.
Сити плати голема казна во 2014 година за прекршување на финансиските правила, а потоа во 2020 година избегна двегодишна забрана од европските клупски натпреварувања дури по жалбата до Спортскиот арбитражен суд (САС).
Еве за што е обвинет клубот и за што ќе треба да одговара во овој судски процес.
– Од 2009 до 2018 година 54 пати не успеал да издаде точен финансиски извештај
– Не доставил 14 пати точни извештаи за исплата на играчи и тренери од 2009 до 2018 година
– Седум пати го прекрши финансискиот фер-плеј во Премиер лигата, од 2015 до 2018 година
– Не соработувал со истрагата во Премиер лигата 35 пати, од декември 2018 до февруари 2023 година
Судењето опфаќа прекршоци во периодот од 2009 до 2023 година, во кои Манчестер сити ги освои речиси сите свои трофеи во историјата, осум шампионати на Англија, Лигата на шампиони (ЛШ), три ФА и шест Лига купа, четири Суперкупа на Англија, Супер купот на УЕФА и клупското Светско првенство (СП).