Франсоа Витали е новиот спортски директор на Хајдук, објави сплитскиот клуб два дена откако го разреши Никола Калиниќ од таа функција.
Французинот (48) има над 20 години искуство во фудбалот, извршувајќи различни функции во спортските сегменти на француските Лил и Троа и во белгиските клубови, Ројал Мускрон-Перуелц и Серкл Бриж.
Кариерата во фудбалскиот менаџмент ја почнал во 2003 година во Лил и таму останал до 2017 година. Почнал како скаут менаџер на академијата, потоа и на првиот тим, потоа бил проект менаџер и спортски директор на клубот.
Во тој период Лил играше шест пати во Лигата на шампиони (ЛШ), трипати во Лига Европа (ЛЕ), и по еднаш го освои шампионатот и Купот на Франција.
Новиот спортски директор на Хајдук има долгогодишно искуство во скаутинг и во развој на млади играчи, како и искуство со работа во развојните системи на големите клубови. Во светот на фудбалот е познат по тоа што препознава и доведува талентирани млади играчи, од кои секако најпознат е Еден Азар, пишува на официјалната интернет страница на Хајдук.