Гави (20), „чудото од дете“, клучен играч на Барселона и на шпанската репрезентација, почна да тренира со соиграчите во клубот, 10 месеци по тешката повреда и паузата поради која ја пропушти минатата сезона и ЕП.
Феноменалниот играч за врска ги скина лигаментите на десното колено на 19 ноември минатата година на последниот евроквалификациски натпревар против Грузија (3:1) што значеше и долга пауза.
Каков удар беше тоа за Барселона, говори фактот што Гави, покрај младоста и долгата пауза, веќе одигра 111 натпревари за Барселона, постигна седум гола и забележа 14 асистенции.
Да не беше сериозно повреден, сигурно ќе беше во првиот состав на Шпанија на ЕП, бидејќи дотогаш веќе имаше 27 настапи и дадени пет гола за националниот тим.
На натпреварот минатата есен, Гави најпрво беше удрен во коленото, падна на тревникот, но продолжи да игра. Но, веќе во следната акција повторно се повреди на истото место при обидот да ја исконтролира топката по што го заврши мечот.
Набрзо се дозна дека Барса ќе мора да ја брани титулата без него, и оти тој нема да игра за Шпанија на ЕП или на Олимписките игри (ОИ). Гави беше еден од главните столбови на Шпанија во нападот на златото во двете конкуренции.