Правната комисија на француската фудбалска Лига 1 го покани фудбалерот, Килијан Мбапе и неговиот поранешен клуб, ПСЖ да се согласат таа да посредува во спорот околу платите и бонусите, соопштија од парискиот клуб.
Раководството на ПСЖ и претставниците на Мбапе се сретнаа во Париз, откако францускиот интернационалец побара од комисијата да се вклучи во спорот. Мбапе летово како слободен играч се пресели во Реал Мадрид, откако му истече договорот со парискиот клуб. Тој тврди дека ПСЖ му должи 55 милиони евра.
ПСЖ во соопштението рече дека е задоволен од двочасовното сослушување пред комисијата и потсети дека Мбапе претходно дал „јасни, јавно повторени и приватни обврски кои мора да се почитуваат, бидејќи имал невидена корист од клубот во текот на седумте фантастични години во Париз“.
Клубот тврдеше дека не му должи пари на фудбалерот, бидејќи се договориле со Мбапе тој да се откаже од бонусот кога ќе биде вратен во тимот, од кој беше отстранет пред почетокот на минатата сезона бидејќи одбил да го продолжи договорот. .
Мбапе се прости од клубот на крајот од минатата сезона под големи тензии. Во ПСЖ сметаат дека се изневерени бидејќи 25-годишниот фудбалер го имаше најбогатиот договор во историјата на клубот. Мбапе пак беше фрустриран затоа што раководството не ги исполнило ветувањата да донесе играчи клучни за добри резултати. .
Кога го потпишал новиот договор во 2022 година, Мбапе на конференцијата го држел дресот со број 2025. Наводно бил изнервиран бидејќи договорот бил до 2024 година, со можност за продолжување на соработката за уште една година.
Тој го изненади клубот минатиот јуни кога изјави дека нема да ја искористи опцијата за продолжување на соработката. Бидејќи неговиот договор влегуваше во последната година, ПСЖ сакаше да го продаде за да не се случи да замине бесплатно, како слободен играч.
Мбапе минатото лето беше изоставен од претсезонската турнеја низ Јапонија и Јужна Кореја и мораше да тренира сам. Клубот се обиде да го продаде, но Мбапе ја одби понудата на Ал Хилал од 300 милиони евра.