Артуро Видал, своевремено еден од најдобрите играч за врска во светот, жестоко го критикуваше селекторот на чилеанската фудбалска репрезентација – Рикардо Гарека, поради тоа што го изостави од септемврискиот репрезентативен список, како и од неодамна завршената Копа Америка.
Во два септемвриски меча Чиле најпрвин беше поразен од Аргентина со 0:3, а три дена подоцна од Боливија, со 1:2 на домашен терен. Тоа беше првиот, историски пораз на Чиле против Боливија на домашен терен.
– Јас сум играч на најдобриот тим на Чиле, еден од најдобрите 16 во Јужна Америка и лут сум што не сум во репрезентацијата, но тоа е фудбалот. Гарека? Изгледа како да гледа само една лига, а тоа е аргентинската.
Тој идиот не ги гледа натпреварите од Копа Либертадорес. Гледа само натпревари во Аргентина, долго време игра исто. Не ги разбирам неговите одлуки, ниту начинот како играме, вели Видал.
На Чиле му оди многу лошо во квалификациите за Светското првенство (СП) 2026. Моментално е на деветтото од десет места на табелата, со само пет бода на осум одиграни натпревари.
Но Гарека и пред мечот со Боливија истакна дека не планира да поднесе оставка од селекторската функција. „Се’ додека ми дозволуваат бројките, ќе се борам, без разлика што се случи“, рече тој.
Видал во кариерата настапуваше за европски гиганти како Јувентус, Баерн, Барселона и Интер. Играше и за Фламенго, Атлетико Паранаенсе и сега во Коло-Коло во Чиле. Таму и ја почна играчката кариера, а во јануари по 17 години се врати во клубот.