Борусија Дортмунд и нејзините навивачи доживеаја вистински емотивен ролеркостер во последните две сезони. Борусија со Един Терзиќ на клупата, во сезоната 2022/23. беше на прагот да стави крај на долгогодишната доминација на Баерн.
„Жолто-црните“ требаше да го победат Мајнц во последното коло, на својот „Вестфален“ стадион и титулата ќе беше нивна. Но, растоварените гости до 24. минута веќе водеа со 2:0 и се’ што успеа да стори Борусија беше да израмни во последните секунди од судиското надополнување.
Терзиќ и Боирусија на тој начин останаа без титулата, а минатата сезона против Баер Леверкузен никој немаше шанса во Бундеслигата. Затоа Борусија се концентрираше на Лигата на шампиони (ЛШ), во која донекаде сензационално стигна до финалето против Реал Мадрид, но загуби со 0:2.
Борусија го отпушти Терзиќ кого го наследи поранешниот играч за врска, 36-годишниот Нури Сахин, кој почна со реконструкција на тимот. Најголемиот излезен трансфер беше оној на Никлас Фулкруг, кој му беше продаден на Вест Хем за 27 милиони евра.
Клупската легенда, Марко Ројс по 11 години си замина, исто како и Матс Хумелс, а Јусуфа Мукоко, Себастијај Алер и Салих Озџан беа позајмени.
Дортмунд потроши околу 80 милиони евра на нови играчи и многу добро работеше на трансфер пазарот, барем на хартија. Серу Гираси минатата сезона за Штутгарт постигна дури 30 гола на 30 натпревари, а Дортмунд го доби за „смешни“ 18 милиони евра, колку што изнесуваше ослободителната клаузула на 28-годишниот фудбалер.
Борусија За 28,5 милиони евра, го купи Максимилијан Беер, кој минатата сезона постигна 16 голови на 35 меча за Хофенхајм. Со тие двајца играчи Борусија долгорочно го реши прашањето со напаѓачите.
Долго време недостигаше вистински играч за врска, а го доби во ликот на Паскал Грос и тоа за само седум милиони евра. Иако веќе има 33 години, Грос лани беше одличен во Брајтон (пет гола, 13 асистенции), а ќе биде многу корисен бидејќи може да игра на четири или пет позиции.
Тука е и Валдемар Антон, 27-годишниот стопер на Штутгарт кој исто така беше поврзуван со Баерн, а на крајот заврши во Борусија. Тој беше платен 22,5 милиони евра и веднаш се проби во првиот тим и се покажа како многу паметен избор.
Но, можеби најинтересното засилување е Јан Куто. Одличниот 22-годишен десен бек на Манчестер сити одигра брилијанто како позајмен играч во Џирона минатата сезона. Бразилецот може да игра на неколку позиции, одличен техничар е и ќе биде многу корисен за Борусија со оглед на тоа што Џулијан Рајерсон има многу проблеми со повреди.
Борусија го позајми од Сити за четири милиони евра и има обврска следното лето да го откупи неговиот договор за уште 28,5 милиони евра. Тоа може да биде класична „фудбалска кражба“ ако Куто добро се вклопи во напаѓачката игра на Сахин.