Поранешниот менаџер/тренер на Саутемпрон, Тотенхем, Челси и на ПСЖ, Маурицио Покетино именуван е за нов селектор на фудбалската репрезентација на САД.
Покетино, кој го напушти Челси во мај по само една сезона, ќе ја преземе репрезентацијата на САД пред Светското првенство (СП) 2026 година, чии домаќини ќе бидат Мексико, Канада и САД.
Според ЕСПН, Покетино ќе заработи 12 милиони долари за двете години од договорот што е најголема сума во историјата на американскиот фудбалски тим. Неговото доаѓање е спонзорирано од двајца американски милијардери, Кенет Си Грифин и Скот Гудвин.
Аргентинецот изјави дека неговата одлука да ја превземе американската репрезентација не е само поради фудбалот, туку и поради патот по кој оди националниот тим, и затоа не сака да ја пропушти шансата!
– Енергија, страст и глад да се постигне нешто навистина историско овде, тоа се работите кои ме инспирираа. Гледам група играчи полни со талент и потенцијал и сакам заедно да изградиме нешто посебно, на што ќе се гордее целата нација, рече Покетино на презентацијата пред медиумите.
САД се без селектор со полно работно време по предвремената елиминација од Копа Америка на домашен терен во јули, што доведе до отпуштање на Грег Берхалтер, по неговиот втор селекторски мандат.
Берхалтер првпат беше именуван во 2018 година и ги предводеше Американците до нокаут фазата на СП 2022 година. Само неколку недели подоцна, тој беше вовлечен во жестока јавна расправа со еден од најголемите таленти во тимот, Џио Реина.
Во потрагата на САД фудбал по нов селектор откако на Берхалтер му истече договорот на крајот од 2022 година, беа вклучени имиња како Џеси Марш, но на крајот сепак повторно беше ангажиран Берхалтер, со целосна поддршка од играчите. Но, тоа не се покажа како добар потег бидејќи САД беа запрени во групната фаза на Копа Америка.
Покетино ќе ја преземе функцијата откако Мики Варас, кој е именуван за привремен селектор, ја водеше селекцијата на пријателските натпревари против Канада, минатата сабота и против Нов Зеланд, во вторникот.
Следните пријателски натпревари САД ќе ги одиграат против Панама на 12 октомври и Мексико три дена подоцна.