Фудбалот на Косово го тресе голем скандал. На собирот за дуелите во Лигата на нации (ЛН), во кој Косовците загубија од Романија со 0:3, а потоа го победија Кипар со 4:0, тројца играчи беа исфрлени од репрезентацијата. Тоа се Едон Жегрова од Лил, Аријанет Муриќ од Ипсвич и Флорент Муслија од Фрајбург.
Косовските медиуми јавуваат дека за време на собирот тројцата играчи останале до доцна во ноќта во ноќен бар каде што уживале со алкохол, а тоа наводно не им било прв пат. Сега приказната стана јавна и германскиот стручњак на клупата на Косово, Франко Фода донесе одлука да ги отстрани од тимот.
Тројцата играчи настапија на натпреварот против Романија, но не беа на гостувањето во Кипар. Дел од косовските медиуми објавија дека претседателот на косовската фудбалска федерација, Агим Адеми им се заканил дека ќе им ги „уништи кариерите“ и „ќе им ги скрши нозете“.
Косовскиот новинар, Арлинд Садику тврди дека тоа му го кажал еден од суспендираните играчи. Адеми не го коментираше ова, туку зборуваше само за суспензијата на играчите.
– Мора да се почитуваат правилата. Многу е важно да се почитува репрезентацијата. Одлуката за исклучувањето ја донесе селекторот. Причината е што излегле без дозвола во доцните часови. Федерацијата ја поддржува одлуката на селекторот, рече Адеми.
Голманот Муриќ во интервјуто за „Клан Косова“ изјави: „Одлуката што беше донесена против нас не е праведна, а сите гласини што кружат исто така немаат врска со вистината“. Жегрова кратко рече дека ќе зборува на теренот.