До 2015 година, Рад од Белград беше стабилен српски прволигаш. Култниот српски клуб го освои шестото место и стигна до четвртфиналето на Купот на Србија, за потоа полека да почне да пропаѓа.
Конечниот пад почна во 2021 година, кога популарните „градежници“ испаднаа од највисокиот ранг на српскиот фудбал, а потоа брзо тргнаа кон дното. Во првата сезона во втората лига завршија на 11. место, а веќе во следната беа последни и испаднаа во третата лига, во која играа и минатата сезона.
Не заврши тука, па во мај славниот Рад испадна и во зонската лига, која е четврто по ранг натпреварување во Србија. А Рад и таму минува катастрофално.
Пред почетокот на сезоната беше под знак прашалник дали воопшто ќе се натпреварува, но сепак ја почна сезоната. По четири кола има четири порази со гол разлика 0:29.
Во првото коло загубија дома од Зуце со 0:3, потоа и од Комграп со 0:8, а во последните две кола беа поразени со 0:11 и 0:7.
Рад игра со јуниорите, но и покрај катастрофалните резултати, нивните навивачи „Јунајтед форс“ ги следат сите натпревари и го полнат стадионот во Бањица.
Во Првата лига на поранешната држава Рад се пласира во сезоната 1987/88, со аматерски тим. По завршувањето на 15-то место во првата сезона, во следната сезона заврши на четвртото место и се пласира во Интертото купот.
Една година подоцна играше во 1. коло од Купот на УЕФА, победувајќи го Олимпијакос на домашен терен со 2:1, а потоа загуби во Пиреја со 0:2.