Федерико Киеза и официјално стана новото засилување на Ливерпул, а по потписот за англискиот гигант, Италијанецот имаше многу што да каже за челниците на поранешниот клуб, Јувентус.
Откако беше пречкртан од новиот тренер на „старата дама“, Тијаго Мота, Киеза се пресели на „Енфилд“ во трансфер вреден 12.000.000 евра, плус евентуални бонуси за уште 3.000.000 евра.
Крилниот напаѓач потпиша четиригодишен договор со Ливерпул и нема сомнеж дека ќе претставува големо засилување за тимот на Арне Слот.
Our new #⃣1⃣4⃣
— Liverpool FC (@LFC) August 29, 2024
– Многу сум среќен што станав играч на Ливерпул. Кога ми се јави клупскот директор, Ричард Хјуз и ме замоли да дојдам на „Енфилд“, веднаш се согласив. Добро знам каква историја има овој клуб и едвај чекам да играм во неговиот дрес, изјави Киеза.
Италијанскиот репрезентативец истакнува дека Јувентус немал намера да му понуди нов договор, а ги демантираше и приказните дека барал 6.000.000 евра за продолжување на соработката со торинскиот клуб.
– Сега кога заминав, би сакал да расчистам некои работи. Никогаш не добив понуда за продолжување на соработката, ниту пак јас или пак моите претставници некогаш побаравме покачување. Пред почетокот на подготовките бев информиран дека повеќе не сум дел од плановите на Јувентус, истакнува Киеза.