Олимпискиот шампион, Србинот, Новак Ѓоковиќ (светски рекет број 2) ја продолжи победничката серија на САД опен, која почна во Париз, и стигна до третото коло откако неговиот сонародник, Ласло Ѓере (светски број 109) го предаде мечот поради повреда, при водство на Ѓоковиќ од 6:4, 6:4 и 2:0 во мечот што траеше 2,16 часа.
Во првиот сет, Ѓере беше целосно рамноправен противник на Ѓоковиќ, кој се мачеше со тешките временски услови и со лошиот сервис. Екстремно спарното време под затворениот покрив на стадионот „Артур Еш“ на почетокот од мечот му создаде повеќе проблеми на Ѓоковиќ.
Сепак, тенисерот со најмногу грен слем тѕрифеи (24) успеа да го надмине сето тоа и да го освои сетот со брејк во 10-от гем.
Во вториот сет Ѓере (29) почувствува болка во абдоминалниот ѕид над левиот колк, ги пропушти двете можности за нов брејк и веќе ја загуби предноста во следниот гем. При водство на Ѓоковиќ од 5:4, Ѓере побара лекарска помош, но тоа не му помогна.
Откако го загуби вториот сет, и кога Ѓоковиќ ги освои првите два гема во третиот сет, Ѓере реши дека е подобро да го предаде мечот.
Следен противник на Ѓоковиќ ќе му биде Австралиецот, Алексеј Попирин, кој лесно го совлада Шпанецот, Педро Мартинез со 6:2, 6:4, 6:0.
Ѓоковиќ ја брани титулата во Њујорк, а од минатогодишниот триумф, четврти на САД опен, се обидува да дојде до 25-от, рекорден грен слем трофеј и да ја мине Австралијката Маргарет Корт која исто така има 24 вакви титули.