Македонскиот тенисер, Калин Ивановски го заврши својот настап на домашниот Челинџер турнир, „Македонија Опен“ уште во првото коло, откако денеска беше елиминиран од осмиот носител на турнирот, хрватскиот тенисер Мили Пољичак.
Во дуел кој траеше речиси три часа и беше исполнет со возбудувања и борбена игра, Пољичак славеше со 2-1 во сетови – 6-4, 6-7(5), 6-4.
Ивановски успеа да му парира на фаворизираниот противник во најголемиот дел од првиот сет, но во клучниот момент попушти на свој сервис, што му овозможи на Пољичак да го освои сетот со 6-4.
Вториот сет донесе нова доза драма. Ивановски прв направи брејк, но Хрватот се врати во осмиот гем, по што сетот заврши во тај-брејк. Таму, македонскиот тенисер покажа зрелост и концентрација и со серија од три поени во финишот успеа да израмни на 1-1 во сетови, добивајќи го тај-брејкот со 7-5.
Одлучувачкиот трет сет започна лошо за Ивановски, Пољичак поведе со 2-0, но нашиот тенисер успеа да се врати. Сепак, хрватскиот младински шампион од Вимблдон ја искористи својата предност и со сигурна игра во клучните моменти ја обезбеди победата со 6-4.