Белорусинката, Арина Сабаленка ја декласира олимписката шампионка, седмата носителка, Женг Чинвен од Кина, со 6:1 и 6:2 и во утрешното полуфинале на САД опен ќе игра против Американката, Ема Наваро која ја елиминира Шпанката, Паула Бадоса со 6:2 и 7:5.
Сабаленка која минатата година беше поразена во финалето од Коко Гоф, се наоѓа во одлична форма и е на добар пат да освои уште една грен слем титула по двата триумфа на Австралија опен, лани и годинава.
Сабаленка (26) четврти пат по ред е во полуфиналето на Њујорк, деветто на грен слем турнирите. Таа е најмладата тенисерка која стигнала до четири последователни полуфиналиња на САД опен по Венус Вилијамс во 2002 година.
За Наваро, која е родена во Њујорк, ова е прво полуфинале на еден грен слем турнир. Претходно на турнирот, Наваро изненадувачки ја нокаутира сонародничката и бранителката на титулата, Гоф.
Наваро пред два месеца стана главна приказна на Вимблдон не толку порадиу одличните настапи туку затоа што потекнува од исклучително богато семејство. Таа е ќерка на Бен Наваро, банкар и инвеститор вреден 3,5 милијарди долари!
Во интервјуто по мечот, Ема му се заблагодари на својот татко кој ја охрабрил да се занимава со овој спорт. „Сакам да му се заблагодарам на татко ми затоа што виде визија уште кога бев многу млада“, рече Наваро.