Американската скијачка, Микаела Шифрин во име на спортистите повика на поголема „транспарентност“ од Интернационалната скијачка федерација (ФИС), со желба дополнително да го проучи инвестицискиот предлог на фондот „СВС“ вреден 400 милиони евра.
– Ние не сметаме дека знаеме сè. Едноставно бараме поголема транспарентност и подобро разгледување на нашиот глас и понудите што се на маса, за да ја подобриме иднината на нашиот спорт, напиша Шифрин на социјалните мрежи, споделувајќи го писмото на скијачите упатено до претседателот на ФИС, Јохан Елијаш.
Скијачите преку писмо побараа од претседателот на ФИС да го одложи потпишувањето на новиот договор со маркетинг агенцијата „Инфронт“ и да почнат разговори со фондот „СВС Капитал партнерс“ (CVC Capital Partners).
Елијаш, кој беше реизбран за претседател на ФИС во 2022 година, ја стави централизацијата на тв правата како еден од неговите приоритети. Историски гледано, националните здруженија ги продаваат своите права, главно на агенцијата „Инфронт“, која потоа им ги препродава на тв компаниите и на спонзорите.
– Во понеделникот, на 9 декември, неколку водечки скијачи учествуваа на состанокот со претставници на СВС, за да ги видат нивните намери и визија за потенцијална инвестиција од 400 милиони евра во ФИС, се вели во писмото објавено од Шифрин која има рекордни 99 победи во Светскиот куп (СК).
Во писмото се додава дека скијачите „советуваат целосно да се проценат можностите што ги нуди СВС“.
– Овој момент е многу важен за нашата иднина за да „скокнеме“ во обновување на договорот без да истражуваме алтернативи, се наведува во писмото.