Поранешниот партнер на угандската атлетичарка Ребека Чептегеи (33), кој беше обвинет дека ја убил поливајќи ја со бензин и палејќи ја, починал во болница од изгорениците за време на нападот, објави кенискиот весник „Ѕвезда“ (The Star).
Според полицискиот извештај, осомничениот идентификуван како Диксон Ндиема Марангач влегол на имотот на Ребека Чептегеи во Ендебес, Кенија на 1 септември додека таа била во црква со своите деца.
Кога се вратиле од црква, тој ја полил со бензин и ја запалил пред очите на децата, две девојчиња на возраст од 9 и 11 години.
На Чептегеи, која се натпреваруваше на маратонот на Олимписките игри (ОИ) во Париз, и беше изгорен поголемиот дел од телото по што почина четири дена подоцна.
Нејзиниот убиец, кој имал помалку изгореници по телото, починал во понеделникот вечерта во одделот за интензивна нега во истата болница, објави Стар.
Атлетичарката од Уганда ќе биде погребана во сабота со воени почести. Чептегеи била член на Силите за народна одбрана на Уганда (УПДФ), живеела во Кенија, но ќе биде погребана во Букуво, кој се наоѓа во источниот дел на Уганда.
Таа е трета позната спортистка која е убиена во Кенија последниве години. Во октомври 2021 година, Агнес Џебет Тироп (25), двократна бронзена медалистка на 10 км на Светското првенство (СП) 2017 и 2019-та и четврта на ОИ во Токио 2021, беше избодена до смрт во нејзиниот дом во Итен. За нејзиното убиство беше обвинет сопругот, Ибрахим Ротич.
Следната година, атлетичарката Дамарис Муте Мутуа беше пронајдена задавена, а нејзиното момче Коки Фаи, кое сè уште е во бегство, беше осомничен за убиството.